Кичево, 30 декември 2021 (МИА) – По повод новогодишните и божиќните празници, преку Здружението за развој на село Белица, беше врачена хуманитарна помош со новогодишни пакетчиња, донација од Виктор Стефаноски, печалбар од кичевско во Норвешка, наменети за најмладата популација во градот Кичево.
Донацијата е отстапена на свештенството во црквата „Свети Петар и Павле“ и од нивна страна ќе биде дистрибуирана до хуманитарните организации од градот и Општината.
– Големиот хуманист и филантроп од Кичевско на печалба во Норвешка, Виктор Стефаноски и овој пат ја потврди својата дарежливост и за најмладите посиромашни дечиња во градот и Општината обезбеди поголем број новогодишни пакетчиња. Пакетчињата откако беа набавени од еден маркет во Кичево, им беа врачени на свештениците од црковниот храм „Свети Петар и Павле“, од каде ќе бидат дистрибуирани до хуманитарните организации во Општината, истакна Раде Момироски, од Здружението за развој на село Белица.
Тој потсети дека Стефаноски својата хуманост ја потврдил во повеќе наврати, па така минатата година обезбеди средства за отворање на Ковид центарот во Кичево, како и прехранбени продукти за болните во овој центар. Тој помогнал и во реновирањето на руинираната зграда на старото училиште во село Белица.