Иселеник обезбеди новогодишни пакетчиња за основците во село Горно Косоврасти

0
688

Дебар, 28 декември 2021 (МИА) – Иселеникот Алија Дервишоски по потекло од дебарското долнореканско село Горно Косоврасти, кој живее и работи во Германија, во пресрет на новата година ги израдува учениците во ова село со новогодишни пакетчиња.

-Како колектив го поздравуваме овој убав гест на нашиот соселанец и искажуваме голема благодарност. Тоа е потврда дека каде и да си родната грутка не се заборава. Децата многу се израдуваа што ги потврдуваат насмевките на нивните лица. Новогодишни пакетчиња беа обезбедни за сите 102 ученика од прво до деветто одделение, изјави за МИА, Ариф Равманоски, одговорен на подрачното училиште „Коле Канински“.

Тоа училиште заедно со подрачното училиште во најголемото дебарско село Могорче, функционираат во рамки на општинското основно училиште „Ристе Ристевски“ во село Долно Косоврасти, каде настава на македонски мајчин јазик следат над 500 ученици.

Во селото Горно Косоврасти моментно живеат околу 1000 жители, а голем број од некогашните жители се во некоја од западно – европските земји, главно во Германија и Италија.