Ве примамува неодоливата македонска традиционална кујна? Ве обзема желба да тргнете на авантура која ќе ги разгали сите ваши сетила?
Добрица Насевиќ, која стои зад профилот Кокарче, споделува нејзино патешествие проткаено со природа во есенско руво и вкусни јадења од кои ни се навлажнуваат усните:
Нашето искуство од патувањето до село Зовиќ и краткиот престој таму беше вистинска авантура – возбудливо, несекојдневно и необично доживување.
Во Зовиќ требаше да стигнеме најдоцна до 11.30 часот, па од Скопје тргнавме околу 07.30, спремни за трииполчасовен пат и плус уште нешто за секој случај. Тоа за „секој случај“ отпадна на еден мал застој на патот кон Новаци каде што имаше градежни активности, но и за повремени консултации со апликациите за навигација, кои сугерираат некои скратени линии на патување, но најдобро е прво да се стигне до Битола, па од таму преку Новаци до Зовиќ.
После 4 часа патување стигнавме во мариовско Зовиќ. Последната делница од 50-тина километри беше предизвик за нашите центри за рамнотежа. Патот кој при крај се стеснува до одвај 3 метри, прво се спушта во клисурата на Црна Река, а потоа се искачува кон селата, змијулесто, со многу кривини и возење „во прва“. Но, пределот е толку прекрасен, па уште и во сите можни есенски бои, што остава без здив и патувањето го прави единствено.
Крајната дестинација ни беше Етно куќа „Кај мостот” каде што нè пречека домаќинот Митко. Таму каде што завршува асфалтот се наоѓа ова топло место полно со мерак и нема шанса да се утне. Тоа е впрочем и најдинамичната точка во ова село каде што во текот на цела година живеат само 6-7 жители, барем според тоа што ни беше кажано.
Местото веќе беше полно со гости кои преноќиле тука, огнот во фурната во дворот беше разгорен, жарот поставен на вршникот. Неколку питоми кучиња шетаа низ дворот кој е украсен со куп рустични домаќински реквизити.
Етно куќа – Кај мостот во Зовиќ не е типичен угостителски објект. Тука се доаѓа со најава и чувството е дека сте отишле кај свој човек на гости. Домаќините Митко и Наташа се многу пријатни, непосредни и целосно се вклопуваат во сликата за македонска традиционална гостопримливост. Со оглед на тоа што фокусот на нашата мисија беше храна, имавме исклучителна среќа да посведочиме користење на традиционални методи во нејзината подготовка.
Додека чекавме пиејќи планински чај набран од ридот во близина, девет векни леб беа испечени со прецизна временска динамика која Митко искуствено ја има утврдено. Фурната беше претходно загреана со жар, а потоа исчистена со крпа и вода. Таков леб не се јаде секој ден, па и на планински воздух. Доволно беше малку сиренце и црвен пипер за нашите гурмански апетити да се задоволат, но домаќините имаа многу повеќе од тоа да понудат.
Во посебна просторија, под вршник се крчкаше голема тава со месо и компир. Жарот што ја загреваше фурната заврши таму, среќните компири и месо на нашата маса. А таму нè чекаа и еден куп други мајстории: свирипиле, макало со лук и ореви, луто пинџурче, биено сирење, бело овчо сирење, „потфатено“ домашно овчо млеко, питулици, пиперки со лук и магдонос, салата со пиперки, кромид и патлиџан од бавчата и печени домашни јајца на шпорет со крупна сол.
Експлозија. Да не знаеш што попрво да пробаш. Сѐ беше направено од домашни продукти, со проверена и многу пати испробана рецептура доведена до совршенство.
Со храната не заврши нашата авантура. Откако се најадовме, се упативме кон познатиот камен мост на Градешка Река, присутен во филмските остварувања на режисерот Милчо Манчевски заради што е познат и како Филмскиот мост.
Патот до него беше една минијатурна планинска тура пократка од 300 метри, но со спуштање и качување и благо воспаление на мускули утредента ако немате посериозна физичка активност на секојдневна база.
За да ја заокружиме приказната со нас зедовме и од лепчето на Митко, малку сиренце и црвен пипер и бибер. Покрај вода, и највкусното е повкусно. Совршен крај на едно уникатно патешествие.
За Зовиќ и за мостот имав слушнато и претходно, но не сум сигурна дали некогаш ќе тргнев на своја рака до таму ако не беше иницијативата на нас неколкумина. Благодарна сум што ја имав можноста да посведочам искуство со сите сетила и што дел од истото ќе се обидам да го пренесам на останатите. Престој во Зовиќ, ама напролет или лето во поголем состав и со повеќе сонце е желбата која ќе биде ставена на мојот список.