– Дебарските иселеници, главно од САД, продолжуваат со донации во многу области во родното место, образованието, здравството, инфраструктурата.
Последователна е донацијата на Валон Шемсиу (40), кој две и пол децении живее преку океанот, но не го заборавил својот Дебар, каде е роден и каде ги минал своите училишни денови од основното образование.
Токму и донацијата е наменета за негово училиште „Пенестија“ каде станал прваче и го завршил основното образование, по што заедно со семејството заминува преку океанот.
-Донацијата се состои од над 50 илјади долари, за што и ние како управа но и учениците и родителите сме многу благодарни. Со овие средства, во објектот каде се изведува предметна настава целосно ќе бидат опремени со нов инвентар шест училници и опремен нов кабинет по музичко воспитување. Исто така ќе бидат реконструирани и четири тоалети а ќе се изврши замена на светилките во целиот објект, изјави за МИА, Ајет Мулареџа, директор на училиштето.
Потсетува дека благодарение на донации на иселеници од САД минатата година беа обезбедени над 120 таблети за учениците кои се од семејства со потешка социо-економска состојба.
Според Мулареџа, најави има и за други донации од нашинците во САД, кои тоа го ветиле на средба со него, при нивниот престој во Дебар, во летниот период.
Во ООУ „Пенестија“, заедно со подрачното училиште во село Џепиште, настава на македонски и албански наставен јазик следат 980 ученици.