Извештај од конференција со наставници

0
854

На 13 и 14 септември во организација на Агенцијата за иселеништво и Биро за развој на образованието се одржа виртуелна  работилница на која се  презентира  новата наставна програма наменета за наставата по македонски јазик  во иселеништво, од страна  советниците креатори на содржината, од страна на Бирото, како надллежен орган.

На  работилницата беа вклучени над четириесет наставници од целиот свет и тоа од Австралија, САД, Хрватска, Србија, Словенија, Франција, Швајцарија, Шведска и Германија кои со интерес ја проследија презентацијата и дадоа свое видување по однос на содржините на истата.

Вториот ден наставниците имаа можност да го споделат своето искуство, успеси при нивната работа, несебичен агажман а изразија и благодарност за одржувањето на настанот со надеж дека во иднина ќе продолжи да се одржува по однос на дискусии по  различни теми.

Преку излагање на г-ѓа Жаклина Михајлова од„Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ,“ присутните се запознаа со начинот и работата на наставниците во Нов Јужен Велс, реализација на наставата преку етнички и три средни училишта, поделбата на наставата во три сегменти, почетен, среден и напреден курс, приредбите за секој празник, натпреварот по рецитирање, ракотворбите со национални и традиционални содржини, и волонтерскиот ангажман на наставниците во рамки на овој Совет. 

Г-ѓа Михајлова повика на понатамошна соработка и вклучување на ученици од цел свет во нивните проекти со цел да имаат меѓународен карактер.

Г-ѓа Јованка Смилевска информирање за „Македонското учителско друштво“ во Викторија и билингвалните училишта во кои се учи на македонски јазик повеќе од триесет години. Г-ѓа Смилевска се заблагодари за можноста да се проследи новата наставна програма и предложи да продолжи соработката преку споделување на наставни содржини преку „google drive“. Исто така предложи учебниците кои се користат во Македонскиот образовен систем, да бидат достапни во дигитална форма.

Г-ѓа Деспина Велинска од Загреб информира дека македонскиот јазик е признат во Хрватска и оценката од наставата влегува во свидителствата еднакво како и другите предмети. Предложи да се изготви унифицирани учебници за во иселеништво, бидејќи на тој начин Хрватските власти ќе го покриват трошокот за истите. Г-ѓа Велинска презентираше дел од наставната програма по која таа работи согласно претходната и новата наставна програма. 

Г-ѓа Ирена Павловска од Мелбурн информираше  и презентираше содржини кои ги предаваат преку новата платформа која ја изготвиле со нејзините колешки, со цел непречено водење на настава за време на пандемијата од Ковид 19.

Г-ѓа Јасмина Илијоска наставничка од Малме, Шведска, информираше дека наставата по мајчин јазик за сите малцинства во Шведска е во организација на самата држава преку образовните институции, во Шведска има голем број наставници кои го предаваат македонскиот јазик и настава има секаде каде живеат македонци.

Претставниците на Агенцијата за иселеништво и  Биро за развој на образованието  се заблагодарија за присуството, за успешниот настан и за предлозите и согледувањата кои во иднина ќе бидат  патоказ за работа и креирање на наставни програми наменети за нашите дечиња, ученици во странство.

Заклучок од средбата беше:

-во иднина при подготовка на содржини наменети за иселеништвото, да бидат консултирани и активно вклучени наставниците од иселеништво

– да се споделат контактите од сите присутни за непречена комуникација од интерес на иселениците и наставниците;

-да се продолжи со настани од ваков тип, со цел вмрежување и споделувања на искуства