По една година пауза поради пандемијата со коронавирусот, на 26 и 27 август годинава Општина Велес повторно ќе го организира Меѓународниот фолклорен фестивал „Велес“. Свеченото отворање на 17. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Велес 2021“ е закажано за 26 август на отворената сцена на амфитеатарот во Младинскиот парк во Велес, со почеток во 20:00 часот. На фестивалот ќе учествуваат фолклорни ансамбли од Врање, Србија и од Ќустендил, Бугарија, како и фолклорните друштва и танцови групи од Велес, Битола и Кочани. Фестивалот претходно ќе го најави традиционалното дефиле на учесниците низ улиците во градот, кое ќе започне во 18:00 часот. Инаку, ИФФ „Велес“ е на прво место по посетеност од велешани од културните настани во градот. Во изминатите години на ИФФ „Велес“ на некои од концертите во амфитеатарот на Младинскиот парк имаше и неколку илјадна публика. Организаторот, Општина Велес, посочува дека тоа е потврда на успешноста на фестивалот и потврдува дека велешани се големи љубители на традициите на фолкорот, на народните игри и песни и одлични домаќини на фолклористите од земјава и странство.