Јована Матевска-Атанасова е авторот на расказот „Пура во Осака“ што беше избран за најдобар на Конкурсот што секоја година го распишува Општина Охрид во чест на ликот и делото на писателот Живко Чинго. Тричленото стручно жири го избра „Пура во Осака“ за најдобар во конкуренција од 47 пристигнати трудови, посочувајќи дека се работи за расказ осмислен како продолжен суптилен дијалог во кој се актуализираат современите предизвици на македонскиот јазик. Авторката Матевска-Атанасова е романсиерка и рецензентка, родена во 1991 година во Битола. По професија е дипломиран психолог. И минатата година таа ја доби наградата „Живко Чинго“ за нејзиниот расказ „Гладоморје“. Во 2015 и 2016 година добила откупни награди на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“. Покрај нив, добитник е на повеќе награди на општински и регионални натпревари за кратки раскази. Нејзините раскази се застапени и во повеќејазични збирки „Бибер“ кои опфаќаат теми за помирување од војната на просторите на поранешна Југославија. Напишала и два романа – „Тамбовските снегови“ и „Писмата во библиотеката“. Во публикација е нејзината прва збирка со раскази поддржана од Министерството за култура. Наградата на лауреатката ќе и биде врачена на 13 август на културната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ која во негова чест традиционално секоја година се одржува во неговото родно Велгошти.