Музичари од шест земји ја презентираат својата традиција во Струга

0
381

Зачувување и негување на културното наследство, е целта на проектот „Етно“ што по повеќегодишна пауза повторно се одржува во државава, во организација на Музичка младина. Музичари од шест земји во светот од 3 до 9 август во Струга на работилици ја презентираат својата пред се музика, но неизоставен дел се и културата, храната, традицијата. Координаторот на проектот Верица Ајтовска,  таа  посочи дека среќни се што после многу години повторно во државава оживеал проектот „Етно“ и што имаат можност да биде презентирана македонската култура и традиција пред учесниците од Хрватска, Велика Британија, Германија, Унгарија, Белгија, но и да научат дел и од нивните културни вредности.

– Изминатите денови имавме работилници, каде сите учесници ја презентираат својата култура, но ја учат и културата на останатите. Во меѓувреме го презентираме и македонскиот фолклор, традицијата, храната…На 8 август, ќе одржиме концерт со интернационална програма, каде ќе се претстават сите учесници, изјави Ајтовска.

Марко Штурман, музичар од Хрватска, кој многу ја сака македонската музика, но воодушевен е од културата, храната, гостопримството, но и топлината и блискоста што ја почувствувал во Струга.

– Во Македонија сакав да дојдам од подамна, токму заради музиката и ова ми е совршена можност да ги запознаам луѓето, културата и музиката. Многу ја сакам македонската музика и можам да кажам македонската песна ми е најдрага. Ритмовите во македонската музика се тешки, непарни, повеќето македонски трдиционални песни имаат такт од 7/8, 9/8, 11/8. Јас во тоа уживам, изјави Штурман, нагласувајќи дека Македонско девојче му е омилена.

Воодушевен е од македонскиот ајвар, но му се допаѓа и макалото, а посебен впечаток му оставила љубезноста и топлината кај луѓето.

– Ајварот е дефинитивно најубав. Луѓето се многу љубезни топли, имам впечаток како да ве знам, како да сме браќа. Тоа го нема во Хрватска, таму луѓето се европски поладни, додека јужно на Балканот се топли. Дефинитивно ќе дојдам повторно тука, вели младиот музичар.

Иако доаѓа од Хрватска, тој ја презентира традиционалната боливиска песна, додека неговата колешка ја претставува традиционалната хрватска музика. Во својата земја ќе се врати со големи импресии, а државава на пријателите ќе им ја претстави преку музика, иако, вели дека има многу што да им каже.

„Етно“ е програма за народна, светска и традиционална музика, основана во 1990 година, наменета за млади музичари на возраст од 16 до 30 години. Програмата „Етно“ е присутна во над 30 земји, има за цел да го оживее и да го одржи во живот глобалното културно наследство, ангажирајќи ги младите луѓе преку годишни меѓународни музички кампови, како и работилници, концерти и турнеи, за промоција на мир, толеранција и разбирање.