Во април, кога нашиот уредник Vlado Janevski ја започна новата рубрика Под друга шапка, во која претставуваме македонски автори кои творат надвор од Македонија, побаравме од луѓето да ни даваат предлози, по што нѐ контактира една прекрасна Илина, срамежливо прашувајќи дали таа и нејзиното творештво можат да бидат дел од рубриката..
„Најнапред да ви честитам за идејата за остварување на еден ваков магазин како што е Везилка. Би сакала да се пријавам за вашата рубрика „Под друга шапка“.
Јас не сум регистриран автор, но творам за своја душа и за својот народ.. Живеам во Германија веќе 17 години. Малку го запоставив творењето и се концентрирав на учење јазик, но сега активно пишувам и мислам дека целата креативност што сум ја стискала немајќи време, излегува од мене како од вруток.
Имам неколку песни објавени на Фејсбук, како на пример песната „Македонијо, татковино туѓино“. Ја напишав баш за луѓето како нас, кои творат под друга шапка. Доколку сте заинтересирани и пасувам во вашиот проект, со задоволство би учествувала.“
Кога ѝ пишавме дека ние бараме автори како неа, на кои им треба простор за промоција на нивното творештво, не ни претпоставувавме дека тоа ќе има некакво влијание врз неа.
Набрзо по контактот, нашиот уредник Владо ја претстави Илина во „Под друга шапка“ и животот продолжи тивко, сѐ до пред некој ден, кога нашата Илина повторно нѐ контактираше со информација дека пред некој ден од печат излезе нејзиниот прв роман.
Точно заради ваквите моменти ја започнавме Везилка
Драга Илина Јовановиќ Јаковчевска, искрени честитки за издавањето на „Се љуби и два пати исто“, нека ова биде почеток на твоето себе-откривање.
Продолжи да сјаеш, на светот му требаат твоите мисли!