Ранко Дакиќ: Уметникот треба сам да се остварува – тоа е негова борба и избор

0
49

Господине Дакиќ, за вас многу малку знаеме, вие сте еден од ретките уметници кој во 1987 ја напушта Македонија, останува толку долго надвор и опстојува како самостоен уметник во Берлин, до денес. Како се случи тоа, која е причината за вашето заминување и зошто Берлин?

– Тоа што малку знаете за мене, не сте пропуштиле ништо возбудливо, сепак, ви благодарам на вниманието.

Нема тука некоја посебна причина, човек заминува затоа што заминува, го гони нешто да замине, некое соочување со себе, со непознатото. Моето заминување беше нешто повеќе од туристичка екскурзија. Се туркав по улиците изгубен, без адреса и со скудни финансии. Берлин беше случајност. При крајот на моите студии на ФЛУ-Скопје прво заминав за Париз, останав три месеци, се вратив, дипломирав и пак заминав за Париз, останав одреден период, па заминав за Западен Берлин.

Западен Берлин беше резерват на западната хемисфера, збиен како во конзерва. Тоа беше најлудиот град на светот, затворен во ѕидови, бодликава жица и мински полиња, а внатре лудница – војска, шпиуни, штазиагенти, кафани, проституција, егзибиционисти, лопови, панкери, шверцери, уметници… вриеше од галерии, клубови и концерти. Бев примен во Здружението на професионални уметници на Берлин (BBK), отидов во Сенатот за култура со моето портфолио, почекав петнаесет минути и ми издадоа еден лист со пет реченици дека мојот престој е збогатување за градот Берлин. Звучи откачено но тоа се случи. Тој документ беше почеток на мојата борба за опстанок.

Што е тоа што скоро половина живот ве задржа во Берлин и сѐ уште ве држи?

– Моето доаѓање во Берлин беше почеток од нула и таа бројка се зголемуваше низ времето, почнува животот да функционира, да се остварува некаква стабилност, чекор по чекор, беше напорно, а особено со мало дете напорот се удвојува. Живеам во центарот Шарлотенбург, ателјето ми е сто метри од станот, здравствено и пензиско осигурување – тој програм не се напушта така лесно, а и немам подобра понуда. Берлин е прекрасен град.

Постер од изложбата „Егзил“ во МСУ-Скопје во 2019

Златко Теодосиевски по повод Вашата изложба „Егзил“ во МСУ вели дека Вашиот творечки „егзил“ го наоѓате во Берлин.
Која е позадината на насловот „Егзил“, за вас лично како автор? Раскажете ни нешто повеќе за вашиот творечки процес.

„Егзил“ е еден вид мала ретроспектива, автобиографска приказна која започнува со моето доаѓање во Западен Берлин 1987. Тоа се чкрабаници, збирштина од слики, цртежи и скулптури, со различна содржина и техничка постапка – од асоцијативна апстракција, енформел, гестуалност, метафизички (су)реализам до пејзажи.
Моето работење е класично, затворено во рамка и материја. Најмногу ме возбудува тактилноста на материјалот, утробата на делото, од тука почнува мистеријата и целата содржина.


Вашата прва изложба „Егзил“ во МСУ – Скопје беше пред две години, дали ќе биде и последна?

Јас сум презадоволен од тоа што го остваривме во МСУ-Скопје, тоа беше голем подвиг бидејќи делата беа во Берлин. Директорката Мира Гаќина, Златко Теодосиевски и сите во Музејот – таа изложба е нивна заслуга, ми направија голема чест, а и публиката, просторот… прекрасно. Лесно е да се направи изложба ако се има финансии, но напорно е да се создадат сериозни дела, особено ако се работи со материјал кој е многу скап, потребно е време од неколку години и тоа треба авторот сам да го финансира. Не сум јас голем „шетач“ на изложби, тоа е исцрпувачки. Ако нема добар тим и организација, ако нема солидна медиумска промоција, изложбата нема никаква смисла, тоа е само силување на авторот и на јавноста. Изложбата не е само лична желба на авторот, тоа е јавен настан и јавен интерес.

Во циклусот „Обид за летање и клаустрофобија“ (1988-1993) цртежи и платна изработени во длабока црна небоја, може да се забележат силни емоции, експлозија на линијата, формата, материјата… и тоа се случува во годините по заминувањето од Македонија. Дали е тоа некаков обид да го избришете минатото, или?

Не, никако, минатото не може да го избришете, тоа се слоеви чувства кои не можат да исчезнат. Тоа „со црна ‘небоја’“ ви е полн погодок. Јас бојата повеќе ја третирам како течен материјал, помалку како колорит, но и тоа не е некаков „железен“ принцип. Не знам, можеби еден ден ќе се разбудам како импресионист.

Дали вашето работење го доживувате како психотерапија?

Секоја работа е еден вид психотерапија и сѐ е поврзано со уметноста – колку е свесен човекот за тоа и каков е финалниот производ, тоа е сосема друго прашање.


Каков е вашиот однос со галериите?

– Долгорочни договори немам, моите договори со галериите траат додека трае изложбата или додека се делата во комисион. Моите дела ги продавам претежно од ателје.