Македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ промоција

0
326

Македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ и организацијата за личен развој „ Да се живее поинаку“, и двете од Мелбурн, Австралија, на 20-ти Мај 2021 година, во прекрасната сала на библиотеката во Мил Парк, Мелбурн, организираа несекојдневен настан – промоција на две книги на македонски јазик од брачниот пар Д-р Снежана и Д-р Емил Попорданоски од Мелбурн. Книгите што беа промовирани се најновата мотивациска книга за личен развој „Да се живее поинаку – Патување кон самореализацијата“ од авторката Д-р Снежана Џамбазова –Попорданоска и уникатната збирка на љубовна поезија „Во прегратките на љубовта“ од Д-р Емил Попорданоски. Во присуство на бројни гости, претставници на Македонската Православна Црква, Македонскиот конзулат во Мелбурн, членови на МЛД „ Кочо Рацин“, пријатели, поддржувачи и љубители на македонскиот пишан збор, за книгите зборуваа претседателката на МЛД „ Кочо Рацин“ писателката Гордана Димовска, новинарката Дијана Пупалевска-Мицалевска и двајцата автори. За првата книга „ Да живее поинаку – Патување кон самореализацијата“, меѓу другото, г-ѓа Димовска истакна дека “ оваа книга претставува неопходен водич кон стекнување на духовна мудрост, себеспознание и автентична среќа. Во суштина, оваа книга ја обработува човековата свест на еден разбирлив и уникатен начин, објаснувајќи ја врската помеѓу нивото на индивидуалната свест и нивото на човековата среќа. Поточно, книгата детално ги истражува сите нивоа на човековата свест, започнувајќи од најниското ниво на свест– нивото на срам, до највисокото можно ниво на свест–а тоа е нивото на просветлувањето“. Потоа, во своето обраќање, самата авторка истакна дека, читањето на книга за личен развој е исто како да одите на патување со авторот како ваш водич. Во текот на ова возбудливо патување кон вашето себе- спознавање, мојата намера е да разберете дека животот може и треба да се живее поинаку. Ова сознание ќе ви помогне да ја спознаете вистината за себе, за она што навистина сте, како и за сето она што можете да постигнете во животот. Просветлени со ова сознание, ќе можете да го креирате највозвишеното издание од себеси, да ги остварите вашите соништа и да постигнете само-реализација “. За втората книга „Во прегратките на љубовта“ од Д-р Емил Попорданоски, која е негова прва објавена збирка и содржи љубовна поезија инспирирана од неговата муза – сопругата Снежана, г-ѓа Пупалевска-Мицалевска, мегу другото прочита дел од предговорот на познатата современа поетеса Ана Бунтеска, во кое се вели: „ Оваа книга која веќе погоре ја нареков дека е своевидна ОДА за љубената жена, изобилува со едноставност и раскош, кои навидум се неспоиви, но Д-р Попорданоски со невидена леснотија успева на многу едноставен начин да ги прикаже сите слоеви на раскошната убавина кон објектот на неговата љубов и страст. Искреноста во зборот, милозвучноста и моја топла препорака да се прочита ова дело со музика во позадина, е ретка можност да се ужива со сите сетила“. И самиот автор Д-р Емил Попорданоски, во својот инспиративен говор потсети на значењето на љубовта за него лично но и за сите нас целокупно, потенцирајќи дека „..љубовата не е храна ама без неа храната е само збир од продукти. Љубовта не е вода ама и покрај вода има милиони жедни – жедни за љубов а не за вода. Љубовта не е облека ама ја топли душата – облеката ќе ти го стопли телото ама не и душата. Љубовта не е куќа ама од неа прави дом – без неа и најголемата куќа е само сениште“. Промоцијата, која беше збогатена со читање на делови од книгата „Да се живее поинаку – патување кон самореализацијата“ како и поезија од стихозбирката “ Во прегратките на љубовта“ пропратени со музика, заврши со потпишување на книгите од двајцата автори, меѓусебна дружба и вкусна закуска. Повеќе информации за книгите и активностите на организацијата „AnotherWay Life Education“ повелете на www.anotherwayeducation.org.