Ана Бунтеска со промоција на своја книга во Хрватска

0
361

За македонските љубители на убавиот пишан збор поетесата најави две нови книги\ Поетесата Ана Бунтеска имаше промоција на своја книга за деца во убавата Хрватска. „Шарени приказни“ е преведена од ученици, сега веќе студентки. Книгата не може да се најде во продажба, но истата ќе биде поделена во библиотеки и на ученици кои сакаат да го изучуваат македонскиот јазик. Бунтеска во оваа наше кратко интервју сподели детали за промоцијата и откри дали подготвува нови книги за љубителите на нејзиниот пишан збор и во нашата земја. * Имавте промоција на книга во Хрватска. Како помина истата, и дали тоа е ваша прва книга промовирана во таа убава земја? – Имаме многу убава и интересна соработка со Советот на македонското национално малцинство на град Загреб. Во 2018 година, со професорката Тинка Б. Крстева разговаравме за книга која што ќе биде двојазична и која ќе се користи за образовни потреби на учениците во средните училишта кои го изучуваат нашиот јазик по моделот Ц, по наставна програма која е одобрена од Министерството за образование на Република Хрватска. Таа книга беше компилација на песни од трите збирки издадени од Матица и имаше наслов “Волим те до неба и назад” и целокупниот превод беше од страна на учениците, како и илустрациите во неа. Еве, 3 години подоцна ја издадовме и детската книга “Шарени приказни”, која исто така е преведена од ученичките кои учествуваа во преводот на првата книга, а веќе се студентки (Карла Шкрлец и Грета Форко Краљ) додека илустрациите во неа се од Петра Стојкоски. Книгите не можат да се најдат во продажба, бидејќи идејата ни беше да бидат поделени во библиотеките и на учениците кои сакаат да го изучуваат македонскиот јазик, а не бидат издадени за комерцијални цели.