Ден на јазиците на националните малцинствата во Загреб

0
86

На 30.09.2023 г. во денот исполнет со љубов, надеж и вера паркот Зрињевац во Загреб претставуваше местото каде се собраа луѓе од многу национални малцинства кои живеат и работат надвор од своите родни земји. Меѓу присутни бевме и ние, Македонци кои живееме и работиме во Загреб, ние на кои Република Хрватска ни е втора татковина. Со своето присуство и учество сите ние допринесовме во успешната реализација на проектот кој оваа година се одржа за прв пат. Манифестацијата која беше наречена: „Училница на јазиците на националните малцинствата на отворено“ се реализираше успешно. Прекрасниот есенски ден со себе донесе многу убави мигови. Програмата за своја основна цел го имаше промовирањето и запознавањето на пошироката јавност со јазиците на националните малцинствата како и со можноста за нивно изучување во основните и средни училишта на територијата на Град Загреб. Загреб е град на мултикултуралноста. Училницата на отворено во која се промовираа дел од јазиците на малцинствата кои живеат во Загреб е инспиративен пример кој како таков е присутен во секојдневното живеење и пулсирање на градот. Присутните и љубопитни ученици, учесниците и посетителите освен што се запознаа со можностите за изучување на јазиците на националните малцинствата имаа можност преку кратки работилници да научат нови зборови и јазични фрази. Да видат и слушнат како изгледаат културите на другите народи и да ја доживеат насмевката испреплетена со нашите сличности и разлики.

Организатор и иницијатор на настанот беше Кординацијата на Советите на Град Загреб и претставниците на националните малцинства на Град Загреб. Ја изразувам својата благодарност до Советот на Македонското национално малцинство за Град Загреб, до прецедателката и членовите кои помогнаа во целокупната организација и реализација.

Изучувањето на македонскиот јазик во Загреб по моделот Ц во основното образовани ги има своите почетоци пред осумнаесет години, а во средното образование македонскиот јазик се учи девета година. Учениците имаат можност да го учат македонскиот јазик во две основни училишта и тоа ОУ. „Никола Тесла“ и ОУ. „Аугуст Харамбашиќ“ , а средношколците во „Првата гимназија“. Оценката по предметот македонски јазик се внесува во свидетелствата. Во основните училишта се изучува како изборен предмет, а во средните училишта како факултативен.

На музичката бина македонската традиција, песна и македонскиот јазик учениците го претставија преку игроказ, песна, балетски настап и моќни стихови. Учениците сами ги најавуваа своите настапи, па така виолинистот Мартин Буда се најде и во улогата на водител. Ученичките Теодора Исакоски и Јана Димоски најпрвин преку игроказ го започнаа претставувањето, а преку звуците на виолината на Мартин Буда ја слушнавме „Македонско девојче“ со вокалната поддршка на прекрасната Кијара Мијалковска. Учениците од основните училишта беа под менторство на својата учителка Деспина Велинска. Средношколката и балерина Афродита Силјановска, грандиозно се претстави со аранжман на македонската народна песна „Налеј, налеј“. Исидора Спиркоска со многу емоции ги читаше песните „Љубов“ и „Жена“ од првата современа македонска поетеса Даница Ручигај, а Кристијан Лукиќ ја имаше честа да ги запознае присутните со песната „Хаос“ од лауреатот на ,, Струшките вечери на поезијата“ за 2023 г. Стиховите на академик Влада Урошевиќ и Даница Ручигај изведени од изворните зборувачи на македонски јазик беа слушани со восхит. Младата и надежна уметничка Тиа Делач Трајчевски инспирирана од македонските убавини во ликовната работилница изработи дела со мотиви од прекрасната Македонија. Дела кои подоцна ги подари на учениците од другите национални малцинства. Менторка на учениците од Првата гимназија е Ивана Брезовец, дипломиран професор по македонски јазик.

Меѓу присутните беа дипломатските претставници, Н. Е. Милаим Фетаи и почитуваната Маја Апостолова – Балабурски, ценетата д- р Наталија Поповска. Со свое присуство не почестија и Јудита Реј Худечек, авторка и експерантист, прецедателка на хрватско – македонското друштво на пријателство , протојереј ставрофор Кирко Велински, авторот и поет Иван Димовски, отец Дејан Белчовски, борбената и секогаш насмеана Биба Додева, членовите на МКД „Охридски бисер“ , родителите на амбициозните и храбри ученици, пријатели и поддржувачи на македонската култура. Посебни гости беа музичарите Марија Јакимовска, Игор Баркевски, Кристијан Кожумановски и Марко Виденовиќ кои пристигнаа од Македонија. Марко Виденовиќ е музичар и поет со кој се запознаа учениците кои го изучуваат македонскиот јазик. Се надевам дека наскоро ќе ја имаме можноста да се претстави пред публиката во Република Хрватска со свои стихови.

Музичкиот квартетот го имаше своето претставување пред публиката преку концертот „Приказна“ кој се одржа во Културно – информативниот центар во Загреб. Овие професионални музичари се редовни членови при Македонската филхармонија и Националната опера и Балет. На присутните им приредија прекрасни мигови исполнети со љубов, надеж и верба. Еден прекрасен есенски ден исполнет со многу позитивни мисли, зборови и гордост останува да живее во спомените и нашите срца. На сите директни и индиректни учесници, на организаторите, на нашите ученици, на нивните родители, на мојата колешка Деспина Велинска им благодарам за својот допринос и поддршката која не води кон највисоката цел, а тоа е промоција и зачувување на мајчиниот јазик, македонската култура и уметност надвор од границите на нашата татковина. Македонци во Загреб, Македонци кои живеете во прекрасната Хрватска, Македонци кои сте на сите меридијани во светот продолжете да зборувате на македонски јазик, пишувајте со нашата прекрасна кирилица, сакајте и останете Македонци. Учете ги своите деца да зборуваат македонски, нека ја посетуваат наставата по македонски јазик и создадете услови да се отвараат нови училишта во кои ќе се учи македонскиот јазик. Создавајте уметност и бидете афирматори, двигатели, промотори, заштитници на нашиот јазик, култура и традиција. Создадете можности за нови и убави случувања како што претставуваше оваа манифестација.

Авторка на текстот: Ивана Брезовец

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде