Емилија Стојменова Дух, доктор на науки и вонредна професорка на Електротехничкиот факултет во Љубљана, е избрана за министерка за дигитализација во новата словенечка влада на новиот премиер Роберт Голоб. Својата брилијантна кариера ја започнува како основач и координатор на мрежата FabLab Slovenia, како и директорка на Digital Innovation Hub (DIH) Slovenia.
- По потекло од Виница, а успешната кариера ја продолжувате во Словенија, од каде желбата да заминете од вашата родна средина за да живеете и работите во Словенија?
Во Словенија се преселив некое време пред почетокот на мојата кариера. Виница ја напуштив кога добив стипендија за школување во програмата- Меѓународна матура на „Друга Гимназија Марибор”. Желбата во мене беше присутна подолго време, сакав да покажам и докажам дека не е важно од каде доаѓаш, туку дека со труд и работа можеш да постигнеш сѐ што ќе посакаш.
- Со оглед дека заминавте откако добивте стипендија за продолжување на Вашето образование уште од средно училиште и имавте можност да студирате во Словенија, можете да посочите во што се разликува образованието во Република Северна Македонија и Република Словенија.
Својот живот во Словенија го започнав со преселбата во третата година од гимназиското образование.
Од таа гледна точка не можам да направам споредба помеѓу високото образование во Македонија и Словенија. Од друга страна, во Словенија добиваме одлични експерти од Македонија и тоа од различни сфери, што води до заклучок дека високото образование во Македонија е на високо ниво. Во минатото имав можност да соработувам со колеги од универзитети од Македонија и впечатокот беше секогаш одличен. Можеби најголема разлика е во тоа што студентите во Словенија имаат повеќе можности за стипендии и други поволности, како што се бонови за исхрана и добро средени домови за студенти.
Стојменова Дух е активна во иницијативата за „паметни села“ поддржана од Европската комисија и Европскиот парламент. Таа ја претставува Словенија во мултирегионален проект на Стејт департментот кој избра 50 жени од целиот свет кои се на важни позиции во науката, технологијата и математиката.
- Што за вас значи идејата за иницијативата за „паметни села“, од каде започнува целиот проект?
Во иницијативата паметни села се вклучив преку проектите, кои ги финасира Европската комисија. Со оглед на тоа дека сум родена и пораснав во мало место, далеку од главниот град, концептот на „паметни села” чија цел е да покаже, дека доколку државата правилно планира и инвестира, квалитетот на животот може да биде висок и и во руралните околини. Преку проектот „паметни села” сакаме да ги поттикнеме селата и помалите градови низ Европа да нудат еднакви или уште подобри услови за работа и живеење. На тој начин ќе нема потреба луѓето да ги напуштаат од една страна, а од друга страна притисокот во главните градови нема да биде толку голем.
Стојменова е по потекло од Виница каде завршила вторa година во природно-математичката гимназија, по што од Агенцијата за развој на кадри во Словенија добила стипендија за програмата Меѓународна матура, а потоа и ги завршила студиите по електроинженерство на Универзитетот во Марибор, каде била најдобар студент.
- Што ве поттикна да учествувате во политиката?
Можеби ќе звучи иронично, ама лошата политика на поранешната Влада. Како професорка на Универзитет во Љубљана, со успешна меѓународна кариера не ми фалеше ништо. Уживав во својата работа. Имав одлична екипа и редовно добивав финансирање за своите проекти. За жал, во Словенија бевме сведоци на политика, која не ги почитува човековите права, која не ги почитува уставот и останатите правни средства и институции.Словенија, која сите ја познаваме како успешна и напредна држава едноставно веќе не постоеше и така настана моќна цивилна иницијатива, коа бараше широк активен ангажман, буквално од сите.
- Што за вас значи учеството во политиката како министер за дигитализација?
Пред сѐ огромна одговорност. Секогаш кога потпишувам на некој документ, до моето име стои Република Словенија. Иако отсекогаш сум била одлучна, свесна сум дека сега моите одлуки имаат влијание на целата држава и затоа сум претпазлива, ги анализирам работите од различен аспект и се трудам да не правам грешки. Среќна сум што сум министерка за дигитализација, т.е. ресор кој добро го познавам и од академска и од страна на приватен сектор и моето знаење и искуство ќе може да ѝ користи на целата држава.
Се разбира дека ми претставува и голема чест. Јас сум прва министерка во Словенија, која се родила и пораснала во странство. Дури и во останатиот дел во Европа, може да изброите на прсти на една рака, колку сме такви.
- Кон што ќе се насочите додека сте министеoр за дигитализација во новата словенечка влада на новиот премиер Роберт Голоб?
Мој приоритет е дигиталниот гап. Дигиталната трансформација може значително да ги подобри условите за работа и квалитетот на живот, само доколку е воведен на правилен начин. Тоа значи дека секој поединец, без оглед на неговата локација и социјален статус, ќе има можност за достапност до интернет (технолошки и финансиски), ќе биде способен да ги користи јавните сервиси кои ги нуди државата и приватниот сектор и ќе има пристап до технолошката опрема. Наша цел е јавната управа, државата и локалната, да биде што е можно подигитализирана. Јавните службеници исто така да бидат дигитално оспособени. Со помош на дигитализацијата ќе можеме транспарентно да ги бележиме и следиме сите јавни одлуки и јавни трансакции и на тој начин ќе се оптимизира работењето на државата.
- Во последниот период голем број на Македонци во Словенија станаа дел од политиката, очигледно дека општеството е отворено за сите чесни кадри кои сакаат да создадат напредок и успех, кое е Вашето искуство, како средината го прифати Вашето учество?
Поголемиот дел на словенечкото општество е отворен и прифаќа различности. Во круговите во кои се движам и функционирам бев одлично прифатена и добивам огромна поддршка. За моменталната Влада е способноста на кадрите, најважен критериум по кои се бираат истите. Од друга страна има дел од популацијата која е особено лошо настроена кон сѐ и секој, што е поинаков. Во последно време на сметка на моето потекло, жртва сум на подли напади на социјалните мрежи.
- Голем број на Македонци живеат и работат во Република Словенија, како политичар се стремите ли за соработка со нив и унапредување на улогата на оваа заедница во општеството?
Секако. Никогаш не сум криела дека сум Македонка. И порано се трудев за соработка на различни нивоа. Со нашата амбасадорка сме во редовен контакт, имаме одличен однос, кој ќе го одржиме и во иднина. Се трудам, да одржувам контакти со нашите културни уметници и фирми и тоа секако ќе остане и во иднина. Во мојата канцеларија ќе најдете уметнички дела од наши сликари. Ако сакате да ме сретнете во Словенија побарајте ме на концерти и претстави на наши уметници.
- Каде ја гледате Вашата политичка кариера во иднина, кон што ќе се стремите?
Пред да се вклучам во домашната политика, бев многу повеќе ангажирана во европската политика. Соработував со Европската комисија и нејзините директори и останати тела. Европската политика ми е близу, верувам дека искуствата кои ќе ги добијам на домашната сцена ќе бидат корисни за понатамошниот развој на мојата кариера, која во секој случај ќе биде меѓународна.
- Која порака ќе ја упатите до сите читатели на Вашето интервју за потребите на Агенцијата за иселеништво на Република Северна Македонија?
Најпрво голем поздрав до сите. Без оглед на тоа каде сме, мора да бидеме горди, дека сме родени во Македонија и да ги одржуваме врските со нашата држава. Верувам дека културата и уметноста се одличен начин за тоа.
Сликите се сопственост од лична архива
Автор : Симона Ристевска
Портпарол на Агенцијата за иселеништво