На 2 Април 2022 година на покана од раководството на Македонскиот сојуз во Шведска, директорот на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски присуствуваше на нивното Годишно изборно собрание на кое учествуваа делегати од сите друштва, Н.Е. амбасадорката на Р. Македонија во Шведска и претставници од Агенцијата за иселеништво.
Согласно дневниот ред, на Годишното собрание се разгледаа досега реализираните активности и се воспоставија рокови за работата на Сојузот во следните две години.
Се избра нов Управен одбор на Сојузот и на Женскиот актив, при што досегашната претседателка на Македонскиот сојуз, Гордана Крклинска, беше реизбрана по четврти пат, а за претседателка на Женскиот актив беше избрана Милица Велевска Мрмачовска.
Македонскиот Сојуз во Шведска е составен од 12 здруженија и е пример за најорганизирана форма која низ активности гради цврсти мостови со Македонија!
Оваа година Македонскиот сојуз во Шведска ќе прославува 30 годишен јубилеј, а домаќините на Годишното собрание на Сојузот, „ИФ Вардар Македонија“ во Гетеборг, го најавија прославувањето на нивниот 50 годишен јубилеј од постоењето, на 11 јуни 2022 година.